Премиерот Никола Груевски се сретна со претседавачот на Домот на народите во Собранието на Босна и Херцеговина, Сулејман Тихиќ

Скопје, 27 октомври

С О О П Ш Т Е Н И Е

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска оствари средба со заменик претседавачот на Домот на народите во Собранието на Босна и Херцеговина и претседател на Странката за демократска акција, г-дин Сулејман Тихиќ.


На средбата се разговараше за односите и соработката помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина, кои ги карактеризира високо пријателство и идентични ставови по однос на развојот на меѓународната и регионалната соработка, со заедничка стратешка цел за остварување на определбата за полноправно членство во европските и евроатлантските структури.


Од страна на претседателот Груевски беше истакнато дека Република Македонија е подготвена за понатамошно продлабочување на билатералната соработка помеѓу двете земји и би помогнала со своите искуства во процесот на европските и евроатлантските интеграции на Босна и Херцеговина.

Двајцата соговорници разменија мислења и за економските аспекти на соработка помеѓу двете земји при што беше констатирано дека ефектот на либерализација на трговијата во периодот од примената на Договорот за слободна трговија покажува тенденција на зголемување на вкупната трговска размена.


На средбата беше договорено Република Македонија да и даде соодветна техничка помош на Босна и Херцеговина преку трансфер на искуства од областа на реформите за подобрување на бизнис климата, како и за концептот на привлекување странски директни инвестиции во технолошко индустриските развојни зони.