Ставрески: Оценката на „Фич“ потврда за добрите макроекономски политики и сигнал за странските инвеститори

Скопје, 27 октомври

Најновата оценка на агенцијата „Фич“ за кредитниот рејтинг на Македонија како стабилен и со добри перспективи за во иднина за вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески е потврда на добрите макроекономски политики на земјата, но и силен сигнал за странските инвеститори.

- Новиот рејтинг на Македонија е за поздравување и можам да кажам дека ова е уште една потврда дека макроекономските основи и политики на Македонија се здрави и различни од оние во соседните земји и во Грција и во другите европски земји, кои имаат реални проблеми, изјави министерот Ставрески.

Тој додаде дека главните причини за потврда на кредитниот рејтинг на Македонија од страна на „Фич“ како стабилен, се здравата фискална политика, задржувањето на ниско ниво на буџетски дефицит и ниско ниво на државен долг. Потоа здравиот банкарски сектор, односно стабилноста на банкарскиот сектор и перспективите на Македонија, односно економскиот раст на Македонија, кој, како што истакна, и во вакви околности е солиден и за во иднина го предивдуваат да биде стабилен.


Според министерот, ова е уште еден силен сигнал кон странските инвеститори дека Македонија е земја во која имаат доверба и во која и во иднина може да сметаат дека ќе има здрави економски политики.


- Потврдата на кредитниот рејтинг доаѓа во време кога оваа агенција го намали рејтингот на преку 10 европски земји, меѓу кои Шпанија, Португалија, Словенија, Хрватска, Ирска и други и тоа е уште еден показател дека тие прават разлика меѓу Македонија и политиките во Македонија и другите земји и мислам дека и инвеститорите ќе знаат да направат разлика, односно да продолжат да имаат доверба во нашата земја, истакна Ставрески.

Потврдата на кредитниот рејтинг, според него, ќе помогне и на плановите за во иднина за обезбедување финансиски средства од надвор.

- Со оглед на оваа оценка и неодамнешните резултати во Дуинг бизнис имаме добри изгледи Македонија да добие финансиски средства за финансирање во иднина по услови што се подобри од она што го добиваат другите земји, рече министерот за финансии, додавајќи дека тоа ќе влијае на подобра каматна стапка за финансиските средства кои се потребни.


Меѓународната агенција за кредитен рејтинг „Фич“ вчера ја потврди фискалната стабилност на Македонија со тоа што и го задржа кредитниот рејтинг ББ+ и одреди дека има позитивен проспект во однос и на странските, и на домашната валута.